Автор: Викторија Бутенко
Викторија Бутенко ја напиша статијата „Ода на зелениот сок“ откако книгата „Зелено за здравје“ беше објавена уште во 2005 година. Досега оваа книга доживеа неколку дополнети изданија, а последното од 2011 наскоро ќе биде издадено и на македонски јазик. „Ода на зелениот сок“ ги сумира клучните факти и здравствени придобивки со што успешно го доближи зелениот сок до широките народни маси. Препорачувам да ги прочитате овие информации како потсетник или како одличен вовед за секој кој се придржува на консумирањето зелени сокови, односно секој што практикува здрав животен стил.
Ода на зелениот сок (Green Smoothie)
Како што вели една руска изрека: „Ново е нешто старо што одамна било заборавено.“ Всушност, ова лето јас повторно ги открив зелените сокови. Што точно подразбирам под зелен сок? Еве еден од моите омилени рецепти за зелен сок:
- 4 зрели круши
- 1 китка магданос
- 1 голема чаша вода. Измиксирајте го добро.
Овој зелен сок на изглед е многу зелен, но има вкус на овошје. Јас ги сакам зелените сокови толку многу што си купив дополнителен Vitamix блендер и го сместив во мојата канцеларија за да можам да си правам зелени сокови во текот на целиот ден. Повеќе од половина од целата храна што ја јадам во последниве неколку месеци се зелени сокови. Имам толку многу енергија, свежина и бистрина што речиси потполно ги отстранив цедените зелени сокови од мојата исхрана. (Со години редовно пиев цедени сокови). Зелените кашести сокови кои детално се опишани во книгата „Зелено за здравје“ имаат бројни придобивки за човековото здравје.
- Зелените кашести сокови се многу хранливи. Јас верувам дека соодносот во нив е оптимален за човекот: приближно 60% - зрело органско овошје измешано со 40% - органски зелен зеленчук. Хранливите материи во суровата храна, која не е термички обработена, се во органска форма што резултира со висока апсорбцијата на истите од страна на организмот, а притоа не е возможно предозирање како што тоа е случај со синтетичките додатоци во исхраната.
- Зелените сокови се лесни за дигестија. Кога добро ќе се изблендираат, сите значајни нутриенти во тоа овошје и зеленчук стануваат хомогена смеса, односно се раскинуваат на толку мали честички што телото многу лесно ги апсорбира овие нутриенти. Зелените сокови буквално започнуваат да се апсорбираат уште во вашата уста.
- Зелените кашести сокови, наспроти цедените, се комплетна храна затоа што во кашестите сокови се содржат сите растителни влакна кои имаат заштитна функција во организмот против малигни и кардиоваскуларни заболувања, а истовремено се одлична храна за корисните бактерии кои се основа за здрава цревната флора. Исто така, шеќерот од растителни влакна постепено се ослободува, што ги прави овие сокови да бидат одлична храна за дијабетичари. Со редовна секојдневна употреба, многумина од нив се ослободиле од таблетите и инсулинот.
- Зелените сокови спаѓаат во најпријатните јадења за луѓето на сите возрасти. Со однос на овошје спрема зеленчук 60:40, вкусот на овошјето доминира, а сепак во исто време зеленчукот ја балансира благоста на овошјето додавајќи посебна арома. Зелените сокови едноставно претставуваат највкусна храна за повеќето возрасни луѓе и деца. Јас секогаш правам поголемо количество зелен сок и го нудам на моите пријатели и клиенти. Некои од нив јадат стандардна храна, но откако ќе испијат голема чаша зелен сок, кажуваат комплименти и се многу изненадени од тоа како нешто такво зелено може да биде толку убаво и благо.
- Со конзумирање на две или три чаши зелен сок секој ден, вие примате доволно зелени растенија преку денот за да го нахраните своето тело, а што е најбитно, тие ќе бидат добро асимилирани во организмот. Многу луѓе не конзумираат доволно зелени растенија, дури и оние кои се на сурова исхрана. Молекулот на хлорофилот има само еден атом кој е различен од молекулот на човековата крв. Според предавањата на д-р Ен Вигмор, да се конзумира хлорофил е рамно на трансфузија на крв.
- Зелените сокови лесно се прават, а после подготовката не останува неред. Многу луѓе ми имаат кажано дека не пијат редовно цедени зелени сокови, затоа што им одзема многу време да ги подготват и да го исчистат апаратот по цедењето. Со Vitamix нема отпад, нема чистење на деловите како што е случајот со повеќето соковници. Vitamix се чисти сам за неколку секунди.
- Зелените кашести сокови се совршена храна за сите деца, вклучувајќи ги и бебињата од шест или повеќе месеци, односно од моментот кога им се воведува храна и постепено се одбиваат од цицање. Се разбира треба да бидете внимателни и бавно да го зголемувате количеството на кашести сокови за да се избегнат евентуални алергии од храна.
- Кога ги конзумирате зелените растенија во форма на зелени кашести сокови, можете во голема мера да го намалите внесувањето на масла и сол во вашата исхрана.
- Редовното конзумирање на зелени сокови овозможува добра навика на јадење зеленолисни растенија. Неколку луѓе ми имаат кажано дека по неколку недели пиење на зелени кашести сокови, започнале да уживаат во јадење на повеќе зелени растенија. Јадењето на доволно зеленолисни растенија честопати е проблем за многумина, посебно за децата или повозрасните. Но кога зеленолисните растенија ќе се изблендираат во Vitamix машината, нивната целулозна структура се раскинува доволно добро, што повеќе не предизвикуваат никакви тегоби во дигестивниот тракт.
- Зелените сокови можат лесно да се направат во кој било бар каде се служат сокови, во ресторан или во вашата локална продавница за здрава храна. Доволно е само да го поседуваат Vitamix, кој претставува само алатка за подготовка на зелените кашести сокови. Ве молам однесете копија од оваа статија кај вашиот локален бар за сокови.
Ги охрабрувам читателите на оваа статија да започнат да пијат зелени кашести сокови и да ги откријат многуте придобивки и радости на овој прекрасен вкусен и хранлив пијалак. Еве неколку идеи за вашите зелени креации... Некои од моите омилени зеленолисни растенија за додавање во зелените сокови се: магдонос, спанаќ, блитва, марула, целер, кељ и прокељ. Моето омилено овошје за зелените сокови се: круши, праски, нектаринки, банани, манго и јаболка. Јагодите и малините имаат одличен вкус во зелените сокови кога се комбинираат со зрели банани.
Викторија Бутенко е автор на книгите "12 чекори до сурова храна" и "Зелено за здравје"
Напомена: Текстовите од рубриката „Стручни написи“ служат како водич за стручни лица: лекари, фармацевти, нутриционисти и др. и не се наменети за други лица кои самостојно би одредувале одредена терапија или би вршеле замена на класични лекарства и медицински третмани.