Драма – едночинка
Реакции на органите

Екипа на ликови:

Биографска скица и акредитив на Системот дигестивни органи

Претците на овие телесни органи ја имале истата задача илјадници години. Тие си ги познаваат нивните специфични функции, како и тоа како да се добие оптимално здравје, и тоа дури 100 пати повеќе од сите медицински доктори, истражувачи, научници и нутриционисти во светот заедно.

Но, и покрај нивниот речиси совршен дизајн, тие не можат да создадат оптимално физичко, ментално и емоционално здравје, се разбира сè додека нивниот сопственик не ги снабди со нутриенти создадени специјално за потребите на човековото тело.

(Алармите ѕвонат и светат црвени светла. „Стопанот“ само што влезе во ресторан за брза храна.)

Очите: Тревога! До сите органи од дигестивниот систем, подгответе ги вашите борбени единици! Треба да видите што ќе јаде нашиот стопан...

Устата: Еве го првиот залак. Тоа е чизбургер со кечап и кисели краставички, сервирано на лепче од бело брашно. Иако хамбургерот е само 20% масти по тежина, мојата анализа покажува дека дури 45% од калориите кои ги содржи се калории кои потекнуваат од масти. Внимание, исто така детектирам остатоци од хормони за раст! Содржината на масти во сирењето е одговорно за 70% од калориите. Краставичката има премногу натриум, а кечапот е 1/3 шеќер.

Желудник: Потребна ми е брза одлука од Системот дигестивни органи за тоа што сакаат да направат со овој вишок прехранбени масти.

Црн дроб: Брзиот преглед на снабденост со гликогенска енергија покажа здрави резерви. Ние гласаме да ги претвориме прехранбените масти во телесни масти. Затоа прекинете малку со работа додека произведам дополнителен холестерол за да се сварат овие работи.

Желудник: Панталоните на ова момче се веќе претесни!

Системот дигестивни органи: Го знаеме тоа, но додека не ја подобри својата исхрана, не ни остава никаков друг избор.

Устата: Вие момци сакате за нешто да се пожалите? Еве доаѓа! Мала порција пржени компирчиња – вредна 220 калории и содржи дури 47% масти.

Желудник (едногласно со другите членови од Системот дигестивни органи): Еееех, што сè не би дале за компир! Природен, незаситен компир. Без путер, без сирење – дури и без кисела павлака. Испасирајте го, испечете го или сварете го, потоа само зачинете го со салца или нискомаслен прелив.

Крвотек: Со неколку сложени јаглехидрати, би можеле да го снабдиме стопанот со висококвалитетна енергија. Би можел да го забрзам метаболизмот на ова момче.

Панкреас: Потполно се согласувам, а јас не би се чувствувал како некакво јојо. Сè што слушам е: побрзај, потребен е повеќе инсулин, па потоа кочи, има премногу инсулин, па потоа пак недоволно инсулин... Ако стопанот ја третираше неговата кола како што го третира неговото тело, ќе ја фрлеше во отпад за помалку од шест месеци.

Устата: Престанете да сонувате за природните компири и за сложените јаглехидрати...Соочете се со реалноста...ова момче голта чоколаден шејк. Десет лажички повеќе скриен шеќер – 383 празни калории. Ќе бидат во крвотекот за помалку од 5 минути! Панкреас! Ако не дадеш доволно брза и голема доза на инсулин за да се складира вишокот шеќер ќе дојде до хипергликемија (покачување на нивото на шеќер во крвта).

Телесните клетки: Крвотеку! Те молиме итно обрати се до Панкреасот. Ние овде добиваме енергија побргу отколку што можеме да ја искористиме, па наскоро ќе пливаме во шеќер. Катастрофа!

Крвотекот: Панкреас! Панкреас! Станувам хипергликемичен (високо ниво на шеќер во крвта). Потребна ми е брза и голема доза од инсулин за да се ослободам од вишокот шеќер.

Панкреасот: Во ред, но ова веќе ме излудува, секојдневно со истата работа се соочувам. Работам напорно, конечно еве го пристигнува инсулинот.

Системот дигестивни органи: Панкреас, бескрајно сме ти благодарни. Ти никогаш не нè разочаруваш. Стопанот тоа не го сфаќа, но ако некогаш се случи да се измориш...

Крвотекот: Оф леле! Дозата на инсулин беше премногу – моето ниво на шеќер опаѓа под нормала.

Панкреасот: Рафинираните шеќери навлегуваат многу бргу во крвотекот, тие обично активираат итни дози на инсулин. Ова вообичаено резултира со хипогликемија (низок крвен шеќер), но никогаш не можам да знам колкава количина шеќер ќе внесе стопанот, па така под тие услови не постои начин инсулинот точно да се дозира. Извинете момци, навистина ми е жал.

Крвотекот: Панкреас, никој не те обвинува тебе за неуспешност. Сите сфаќаме дека прехранбените навики на ова момче го предизвикуваат јојо ефектот во неговите енергетски нивоа.

Устата: Нели би била вистинска наслада кога стопанот би јадел зеленчукова салата со ладно цедено органско маслиново масло и свежо исцеден лимон за ручек, заедно со парче варено пилешко месо, се разбира без кожа? И две парчиња леб со чаша обезмастен јогурт? Да се надеваме дека и тоа ќе дојде еден ден...

Крвотек: Целозрнест леб! Рафинираниот бел леб го дели само еден чекор да стане шеќер и исто толку бргу навлегува во мојот систем. Ги предизвикува речиси истите проблеми како и шеќерот. Покрај тоа, на белото брашно му недостасуваат 78% од нутриентите кои се содржат во интегралната пченица.

Желудник: Рафинираната храна претставува дилема. Моето сфаќање е дека нутритивниот состав на зеленчукот, овошјето и житарките е таков што кога се јадат цели, сите ние би функционирале подобро и се разбира би биле посреќни и подолговечни.

Крвотекот: Внесот на толку многу рафинирана храна сериозно го намали квантитетот и квалитетот на градбените компоненти за телото. Рафинираната храна е навистина инфериорна во споредба со драгоцените нутриенти кои се наоѓаат во целата храна (храна која не е рафинирана, житарки кои не се целосно излупени и слично).

Мозок: Често се прашував што би рекол некој градител на домови кога неговиот снабдувач би му вградил искривени даски, испукан сув ѕид, меки цигли, продупчени ќерамиди, дупнати водоводни цевки и електрични жици без изолација?

Устата: Градителот дури не би се ни обидел да изгради квалитетен дом со такви слаби материјали. Тој веднаш би се побунил кај снабдувачот. Тој би го викал и би се расправал сè додека снабдувачот не ја добие пораката и не се корегира во секојдневната работна навика.

Желудник: И јас понекогаш се бунам и приговарам, но стопанот никогаш не ја добива пораката. Тој се обидува да ме замолчи со антацидни таблети (служат за намалување на лачењето желудечна киселина).

Очи: Ние сме љубопитни да видиме куќа направена со сите тие лоши градбени материјали, којзнае како ќе изгледа...

Системот дигестивни органи: Веќе гледате во една таква! Не само што ова момче не обезбедува нутриенти со врвен квалитет, туку и не сме виделе соодветна количина на растворливи и нерастворливи растителни влакна со години наназад.

Дебело црево: Зборувајќи за растителните влакна! Сè уште го складирам она што стопанот го изеде пред три дена и почнува да се распаѓа. Инцидентно, имав разговор со еден мој роднина во Јапонија. Тој рече дека таму луѓето конзумираат 4 пати повеќе растителни влакна од луѓето во САД, а како резултат на тоа појавата на хемороиди, констипација (запек), дивертикуларна болест, колитис и рак на дебелото црево е дури за 90% помала.

Крвотекот: Знаеш, го мразам ова ниво на низок шеќер во крвта, бидејќи тогаш сум најчувствителен на вирусни и бактериски инфекции.

Мозок: Јас секогаш знам кога твојот шеќер опаѓа под нормала затоа што тогаш почнувам да се чувствувам уморен.

Устата: Внимавајте, сето ова само што не се сменило. Време е за пауза... Мислам, време е за Кола, а тоа се уште дополнителни 10 лажички шеќер и 162 бескорисни празни калории.

Крвотек: Панкреас, прекини со каква било друга работа! Итно ќе ми биде потребна ГОЛЕМА доза од инсулин. Патем, моето ниво на холестерол е над 7. Ова со холестеролот е страшна работа, почнува да се насобира и таложи во артериите, вените и капиларите. Протокот станува сè потежок, којзнае што сè може да ме снајде.

Срце: Ќе мора некако да ја тргнеме блокадата во моето снабдување со хранливи материи и кислород. Јас веќе пумпам потешко од кога било досега. Крвниот притисок е над нормалната граница и постојано добивам поплаки од мозокот.

Мозок: Некои од крвните садови овде се доста слаби. Ако овој притисок продолжи, една од овие вени ќе испука и стопанот ќе добие многу скап одмор во болница. И кога ќе излезе – ако излезе – тој никогаш нема да биде повторно истиот.

Желудник: Па, ако преживее можеби конечно ќе добиеме пристојна исхрана, па со тоа можеме да завршиме сериозна работа.

Црн дроб: Зошто мислиш дека разболувањето ќе го натера овој човек да ја промени својата исхрана?

Мозок: Би бил изненаден какви сè промени може стопанот да направи, но само ако неговиот живот зависи од тоа. Искрено, овие луѓе играат луда игра на самозалажување. Дали знаеш колкупати ја испитувам мислата „Тоа нема да ми се случи баш на мене“? Иако сè уште имаат време да се направат подобрувања во исхраната, тие тоа не го прават. Но, откако ќе го загубат своето здравје, би дале сè што поседувааат само за да можат да искачат макар и една скала без помош, да бидат живи за да го видат своето првородено внуче, да го гледаат како го прави првиот чекор...

Крвотек: Што би требало да направи овој човек за да се исчисти натрупаниот холестерол и конечно да добие нова шанса за живот? Дали е тоа нешто многу комплицирано и сложено а да не може да го направи?

Црн дроб: Само кога би почнал да јаде многу овошје, зеленчук и цело-зрнести (интегрални) житарки. Тогаш би можел да завршам многу подобра работа! Знаете, жолчката која ја произведувам за да се дигестираат мастите постојано се преработува, сè додека има малку или ако воопшто нема растворливи растителни влакна во системот. Кога стопанот јаде многу растворливи влакна, цревата добиваат обвивка во вид на гел на внатрешните ѕидови која спречува жолчката да биде апсорбирана и повторно употребена. Само така може да не се реапсорбира и да се исфрли од телото. Со тоа немам никаков друг избор освен да направам нова количина на жолчка. А главната состојка е погодувате ли што? ХОЛЕСТЕРОЛ! Јас за таа потреба апсорбирам холестерол од крвотекот и нивото на холестеролот во крвта опаѓа!

Желудник: Мислам дека можеме да го обвиниме апестатот за сите наши неволји. Сепак, тој е одговорен за контролата на нутриентите. Зошто тој не го прекине апетитот на стопанот малку порано? Обработката на нездрава храна која е за половина помалку во голема мера ќе нè олесни од многу преоптоварувања.

Апестат (центар за контрола на апетитот): ОК друштво, знам дека се шегувате, или пак можеби сте заборавиле? Јас сум програмиран да не прекинувам додека стопанот не конзумирал доволно нутриенти за да можете сите вие да работите со врвна ефикасност.

Мозок: Кога сме го имале тој луксуз?

Апестат: Слушајте момци, овој стопан прави работи кои не ми одговараат. Тој конзумира празни калории (храна богата со калории, но со мала или никаква нутритивна вредност).

Очи: Каков избор има?! Купува преработена храна од супермаркет или ресторан за брза храна. 90% од сè што има таму е рафинирано. Погледнете само што прават преработувачите со храната. Откако е хомогенизирана, озрачена, одделена, бланширана, ферментирана, хидрогенизирана, заситена, пржена во заситени масти, дегерминирана, варена, боена, газирана, конзервирана и пакувана – останати се само празни калории. Огромна е цената која ја плаќа, но зад сето ова се крие профитот на индустријата...

Апестат: Тоа претставува вистинска дилема, но не е безнадежно. Знам дека на органите кои се членови на дигестивниот систем им се потребни одредени нутриенти за да ја вршат својата работа како што треба. Стопанот виде некоја ТВ реклама за житарки кои содржат 12 пати повеќе витамини од целозрнестите житарки. Тие житарки се направени од дегерминирана пченка. Гарантирано содржи многу вештачки витамини, но споредено со житарките направени од цела пченица, им недостасуваат 67% калиум, 60% фосфор, 29% калциум и секако, во голема мера недостасуваат најмногу од најпотребните минерали во траги. Стопанот повторно е измамен! Ние би требало да изедеме три чинии од житарки збогатени со витамини за да ги надоместиме изгубените минерали за време на процесот на рафинирање. Тоа би било три пати повеќе калории во системот отколку што му е потребно на телото.

Системот дигестивни органи: Во најголем дел од времето треба да ги претвораме тие екстра калории во масти. Тоа е бесмислено затоа што имаме резерви од масти кои сега изнесуваат 13 кг., а тоа е многу повеќе отколку што му се потребни на стопанот. Прекумерната тежина е на повидок...

Апестат: Друг проблем кој го имам е неговото конзумирање на 40 лажички шеќер на ден. Тој дури и не знае дека јаде толкава количина на шеќер затоа што е скриен во сета таа пакувана храна која ја купува. Тој е толку моќен стимулатор на апетит што сакаш повеќе и повеќе – и покрај сите мои напори да му кажам дека сум полн. Најлошиот дел е што тој конзумира приближно 8000 празни калории неделно во вид на шеќер и масти. Кога би можел да го преполови конзумирањето, тој би ја намалил годишната работа на дигестивните органи за 208,000 непотребни калории (4,000 калории х 52 недели).

Мозок: Што мислиш за интегралниот леб кој го јаде во последно време?

Очи: Тоа не е интегрален леб! Тоа е леб од бело брашно обоен со прехранбена боја. Тој мисли дека јаде интегрална пченица во форма на брашно затоа што пишува 100% интегрално пченично брашно. Тој е измамен од законите за етикетирање на храната. 100% интегрално брашно во овој случај значи дека брашното во овој рецепт е добиено 100% од пченица (што значи дека не содржи брашно добиено од други житарки). Не се вклучени 100% од нутритивната вредност на пченицата. Навистина ми е жал, но тоа е суровата реалност која нè опкружува.

Желудник: Јас можам да гарантирам за тоа дека е точно. Дефинитивно се однесува како прост јаглехидрат. За времето додека стигне до мене го дели еден чекор да стане шеќер.

Крвотек: Токму така! Ако беше сложен јаглехидрат, како што е вистинското интегрално брашно од цели зрна, неговата енергија побавно ќе навлезе во крвотекот и нема да активира ослободување на толку многу инсулин.

Мозок: Па, момци, јасно е дека стопанот треба да направи некои промени, зар не?

Очи: Во право си. Како прво, треба да започне да ги чита етикетите на обработената храна.

Дебело црево: И да се погрижи да внесува доволно растителни влакна.

Црн дроб: Со тоа да се намали неговиот холестерол!

Апестат: И навистина треба да прекине со дополнителниот шеќер.

Крвотек: Да го задржи нивото на шеќер во крвта во нормала.

Мозок: Во право си. Да се надеваме дека стопанот слуша! Дека конечно ќе сфати дека е неопходно правилно да се храни.

Напомена: Текстовите од рубриката „Стручни написи“ служат како водич за стручни лица: лекари, фармацевти, нутриционисти и др. и не се наменети за други лица кои самостојно би одредувале одредена терапија или би вршеле замена на класични лекарства и медицински третмани.