Колострумот е течност што ја создаваат млечните жлезди на жените-мајки и на другите женски цицачи во првите 2-3 дена по породувањето, пред  појавата на млекото. По состав колострумот е повеќе сличен на крвта отколку на мајчиното млеко. Колострумот содржи 37 природни имунолошки фактори и повеќе фактори за растот што го помагаат човековото тело да се справи со заболувањата и да го одржи здравјето.

Со колострумот на единствен начин се пренесуваат готови антитела од мајката на детето или од кој било женски цицач од животинскиот свет на новородените. Тоа е првата храна за сите цицачи и за човекот и е единствена заштита на младенчињата од бактериите и вирусите од средината во која доаѓаат кога се најнезаштитени. Ако  младенчињата со цицањето не добијат колострум тие или умираат или не можат да се развиват правилно. За да се подобри имунитетот кај човекот, колострумот може да се користи во сите периоди од животот во вид на капсули. Дури и луѓето што се пречувствителни на млечниот шеќер – лактоза можат да го користат колострумот бидејќи тој содржи минимални количества лактоза.

Најдобриот колострум што може да се користи како додаток на храната се добива од новозеландски крави, кои се одгледуваат на пасишта што не се третирани со пестициди ниту со антибиотици. Нов Зеланд е земја со најчиста екологија и единствено кај нив не е познат ниеден случај на болеста луди крави.

Речиси сите инфективни и дегенаративни болести, вклучувајќи го и ракот и срцевите заболувања, за претходник или придружник ја имаат намалената функција  на имунитетот. Затоа имуностимулирачко дејство на колострумот може да помогне превентивно за да не дојде до тие опасни состојби. Со присуство на имунолошките фактори, колострумот овозможува да се оптимизира ефикасноста на човековиот имунитет.

Имуноглобулините што ги содржи колострумот се големи протеински молекули и претставуваат 40 отсто од протеините во човековиот крвен серум. Постојат 5 вида имуноглобулини. Тие се присутни кај сите цицачи во кои спаѓа и човекот и тоа : IgA, IgG, IgM, IgE I IgD. Колострумот ги содржи сите 5 вида имуноглобулини. Имуноглобулинот IgG е најизобилен во кравјиот колострум и циркулира во лимфата и во крвта, каде што помага да се неутрализираат бактериите, токсините и други непотребни натрапници. IgD и IgE имаат силно антивирусно дејство, додека IgM е силно оружје во борбата со патогените бактерии и дејствува како природен антибиотик. IgA е откриен во крвниот серум, плунката, солзите и во лигавицата, каде што ја остварува својата селективна антибиотска улога. Секој вид имуноглобулини неутрализира или уништува специфичен антиген во организмот.
Колострумот содржи и лактоферин – силен природен антибиотик со широк спектар на дејство кој, за разлика од синтетските антибиотици, дејствува и против присутните вируси. Во истражување во Холандија е потврдено дека лактоферинот се покажал дури и како силен инхибитор на вирусот ХИВ и дека е ефикасен во борбата со херпес-вирусот, повеќе видови бактерии, габички (кандида албиканс) и протозои. Лактоферинот се покажал и како силен антиоксиданс што ги намалува штетните ефекти од вишокот слободни радикали во организмот.

Колострумот содржи и пролин пентид и други состојки што ја зајакнуваат активноста на имунолошкиот систем и ја подобруваат активноста на тимусната (градната) жлезда, која создава антитела. Пролин пехтидот помага да се избалансира евентуалната хиперактивност на имунитетниот систем која е причина за разни автоимуни заболувања (мултиплекс Склероза, ревматоиден артритис, лупус (кожна туберкулоза), Кронова болест и др.

Ползата од внесот на колострумот во организмот се сведува на три механизми: се внесуваат готови антитела во цревата на човекот, со што се уништуваат  околку 20 вида патогени микрооргнизми. Ова е неопходно за луѓе со ослабнат имунитет. Го стимулира организмот да биде во добра состојба преку дејството на т.н. растежни фактори.

Колострумот е биогена храна од највисока класа. Таа е лесно искористлива во организмот и е значително побогата од млекото. Особено е корисна за децата за правилно да им се развие имунолошкиот систем. Корисна е и за возрасните, за да се стимулира, стабилизира и подобри ослабнатиот имунитет.

Дневник  Број 2776 среда, 06 април 2005 , НУТРИЦИОНИЗАМ
Душан Матиќ – Специјалист за исхрана на здрави и болни

Напомена: Текстовите од рубриката „Стручни написи“ служат како водич за стручни лица: лекари, фармацевти, нутриционисти и др. и не се наменети за други лица кои самостојно би одредувале одредена терапија или би вршеле замена на класични лекарства и медицински третмани.