Позитивниот ефект на HPA® ланолинот наспроти измолзено мајчино млеко врз воспалени и оштетени брадавици за време на лактација
M. Abou-Dakn, J.W. Fluhr, M. Gensch, A. Wöckel
Skin Pharmacology and Physiology 24 (2011): 27-35
Објавена на интернет на 18 август, 2010 Copyright ©2010 S. Karger AG, Basel
Заклучок
Заклучивме дека НРА® ланолинот, комбиниран со едукација за доењето е поефективен од измолзено мајчино млеко комбинирано со едукација за доењето, во намалување на болката и исцелувањето на раните на брадавиците.
Позадина
Болките и/или раните на брадавици поврзани со доењето се вообичаени, со зачестеност која варира помеѓу 34% и 96% кои се дадени како една од главните причини за откажување од доењето во првите денови по породувањето. Оттука, потребен е брз и ефективен третман за да се воспостави успешно доење.
Употребата на измолзено мајчино млеко како третман за брадавици е широко препорачувана, иако недостасуваат истражувања базирани врз докази за неговата ефикасност. Оваа студија ја проценува ефикасноста на НРА® ланолинот наспроти измолзеното мајчино млеко. НРА® ланолинот е прочистен со патентиран процес за да се осигури дека е без избелувачи, конзерванси, мирис и вкус. Иако алергијата на ланолин постои, таа е многу ретка (помалку од 8.75 случаи на милион).
Сепак, НРА® ланолинот е ултра прочистен за да се отстранат слободните ланолински алкохоли до ниво помало од 1.5% и да се отстранат детергентските остатоци до занемарливо ниво и оттука да се признае како хипоалергенски.
Студија
Спроведена во две болници сертифицирани од Baby-Friendly Hospital Initiative во Берлин, Германија (Humboldt Hospital and St. Joseph Hospital) помеѓу септември 2005 и февруари 2007. Сите жени икусиле болки во радавиците во време од 72 часа по породувањето. Болката била утврдена на запишувањето и на 3-от, 7-от и 14-иот ден по запишувањето. Биле вклучени вкупно 84 жени од кои 45 биле третирани со HPA® ланолин, а 39 со измолзено мајчино млеко. Сите податоци се собирале за секоја дојка одделно. Студијата покажала дека HPA® ланолинот е поефективен од измолзеното мајчино млеко, поттикнувајќи го побрзо исцелувањето на раните и намалувањето на болката во брадавиците.
Болки во брадавиците
- Групата која користела HPA® ланолин изјавила побрзо намалување на интензитетот на болката, а истата започнала да се намалува од започнувањето на третманот.
- Групата која употребувала измолзено мајчино млеко изјавила иницијално зголемување на интензитетот на болката кој кулуминирал на третиот ден по породувањето.
- Во периодот од запишувањето до третиот ден, имало намалување на болката кај 65% од прегледаните дојки во групата која употребувала HPA® ланолин, додека кај групата која употребувала измолзено мајчино млеко овој број бил само 30%, а интензитетот на болката се зголемил за 48%.
- Од запишувањето до седмиот ден, процентот на намалување на болка во брадавиците кај групата со HPA® ланолинот бил 87%, додека во групата која користела измолзено мајчино млеко овој број бил само 71%.
- Од запишувањето до четиринаесетиот ден, процентот на намалување на болка во брадавиците кај групата со HPA® ланолинот бил 89%, додека во групата која користела измолзено мајчино млеко овој број бил 88%.
Рани на брадавиците
Рани на брадавиците се дефинира како макроскопски кожни повреди во област на мамилата и ареолата кои можат да бидат во вид на испукана, воспалена кожа или гнојни рани. Иако критериумот за запишување било болка поврзана исклучиво со доењето, биле забележани рани на брадавиците на барем една дојка кај 90% од учесничките на почетокот од студијата. Највискота зачестеност од рани на брадавиците била забележана на третиот ден по породувањето. Може да се набљудува статистички значајна разлика во оценувањето на раните од страна на лекарите во сите денови освен во денот на запишување, со што раните се посериозни кај групата која користела измолзено мајчино млеко.
Стапка на исцелување
- Во групата која користела HPA® ланолин, имало значително поголем број на излекувани брадавици во 3-от и 7-от ден. На 14-иот ден, бројот на излекувани брадавици кај групата со НРА® ланолин бил поголем отколку во групата со измолзено мајчино млеко.
- Од денот на запишување до 3-от ден имало статистички значајно зголемување на нови кожни оштетувања во групата која користела измолзено мајчино млеко (43%), што не било случај во групата која користела НРА® ланолин, каде тој број бил 39%. Ова покажува намалување на ризик од нови кожни оштетувања за 3 дена од третманот со НРА® ланолин.
Времетраење на доење, компликации и мајчински стрес
За време на првите 14 дена од третманот, 15.4% од учесничките во групата која користела измолзено мајчино млеко прекинале со доењето, споредено со само 6.7% од мајките кои користеле НРА® ланолин.
Во групата која користела измолзено мајчино млеко, 8 жени искусиле повлекување на брадавиците, а 3 добиле маститис, додека во групата со НРА® ланолин само 4 искусиле повлекување на брадавиците, а немало случаи на маститис.
И во двете групи не биле забележани никакви несакани ефекти како последица од третманот.
Дискусија
Соодветната употреба на HPA® ланолинот резултира со значително намалување на болката поврзана со доењето и има значително повисоки стапки на исцелување на раната за време на 14 дена од локалниот третман. Придобивките се најзабележливи за време на првите 3 дена од третманот. Треба да се нагласи и потенцира дека нема взаемна врска меѓу резултатот од болка и резултатот од рана во секоја група, што треба да се земе предвид кога се советуваат доилките со воспалени брадавици.
Болката во брадавиците може да придонесе до голем број проблеми поврзани со доењето. Мајката која се обидува да ја спречи болката може да предизвика да се ограничи стимулацијата на цицањето и оттука да се намали секрецијата на млеко. Болката, исто така, може да го инхибира рефлексот на протекување. Овој намален проток на млеко може да го зголеми негативниот притисок на бебето врз брадавицата што може да води до понатамошно оштетување на брадавицата. Раната болка исто така, може да има негативен психолошки ефект врз мајката. Кога воспалените брадавици не се третираат соодветно, оштетувањето на ткивото може брзо да напредува и, во некои случаи, повредата на брадавицата може да биде сериозна. Оштетувањето на ткивото од брадавицата може да доведе до компликации и инфекции на градите како маститис бидејќи испуканата кожа претставува отворена врата за навлегување на бактерии и габи при што нивното присуство може да го одложи исцелувањето дури и кога позиционирањето и лактацијата се корегирани.
Во претходните испитувања ланолинот секогаш бил споредуван или комбиниран со други интервенции, а чистотата, квалитетот и видот на ланолинот и фреквенцијата на употреба варирале. НРА® е вид на високо прочистен, медицински ланолин од кој се отстранети сите алергенски компоненти и нечистотии со патентиран процес со што безбедно може да се употребува за доилките и децата.
Во заклучокот, нашите податоци покажуваат значително подобар резултат за пациентите третирани со НРА® ланолин споредено со измолзено мајчино млеко. Оваа придобивка достигна статистичка значајност за стапката на исцелување, рани на брадавиците и болка. Во нашата студија надворешниот третман со НРА® ланолинот е поефективен од измолзеното мајчино млеко за побрзо исцелување на раната и намалување на болката на брадавиците. Од нашата студија заклучивме дека сегашната препорака за било кој надворешен третман на воспалени брадавици за време на доењето треба да се ревидира во корист на НРА® ланолинот.
Напомена: Текстовите од рубриката „Стручни написи“ служат како водич за стручни лица: лекари, фармацевти, нутриционисти и др. и не се наменети за други лица кои самостојно би одредувале одредена терапија или би вршеле замена на класични лекарства и медицински третмани.